Ракометарките на Рапид Букурешт играат одлично во новата сезона и после одиграни девет кола се на лидерското место на табелата. Ривалите ЧСМ Букурешт, Валчеа и Дунаера Браила заостануваат по пет бода зад водечкиот тим.
Рапид во досегашниот дел од првенството на Романија има учинок од осум победи и само еден пораз. Последната победа ја забележаа на гостувањето кај Баја Маре со 28:32, а на враќањето од натпреварот навивачите им приредија изненадување.
Во последниот период заради мерките против ковид-19 натпреварите во Романија се играат пред празни трибини, но тоа не спречи десетици навивачи на Рапид да се соберат на аеродромот во Букурешт и да ги пречекаат своите миленички со скандирање и навивачки песни.
Рапид Букурешт минатата сезона заврши на шестото место, а последен пат екипата била шампион на Романија во сезоната 2002/03. Според игрите кои ги прикажуваат на добар пат се да ја прекинат серијата без трофеј во домашното првенство.