Една од најдобрите и најтрофејните црногорски ракометари на сите времиња, левото крило Мајда Мехмедовиќ и во новата сезона ќе биде активна на терените.
Иако искусната ракометарка пред извесен период најави повлекување, сепак, во последен момент се премисли и го продолжи договорот со турскиот суперлигаш Кастамону.
Екипата од Турција во последните две сезони играше во Лигата на шампионите, но не успеа да направи забележителен успех. Во следната сезона ќе игра во Лигата на Европа и ќе биде еден од главните фаворити за пласман на Ф4 турнирот.
Мехмедовиќ во својата кариера го носеше дресот и на ЧСМ Букурешт, додека најголемиот дел го мина во нејзиниот матичен клуб Будуќност, со кој два пати го освои златото во Лигата на шампионите, сезона 2011/12 и сезона 2014/15.
33-годишната ракометарка беше дел од златната генерација на Црна Гора и заедно со нејзините репрезентативни колешки се радуваше на златниот медал на Европското првенство во Србија (2012). Истата година го освои и среброто на Олимписките игри во Лондон.