Обрван: Европското првенство уште сега е нерегуларно

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина која ја предводи Ивица Обрван ги прави последните подготовки за настап на Европското првенство со големи проблеми предизвикани од коронавирусот.

Обрван не може да смета на четири ракометари кои беа позитивни на тестирањето за Ковид-19 и тој смета дека веќе сега првенството е нерегуларно, не само за неговата репрезентација туку и за останатите.

„Јас би се осудил уште сега да кажам дека ова Европско првенство уште сега е нерегуларно, не само за БиХ туку за сите репрезентации. Ова што го поминуваме ние сега го поминуваат и другите. Останатите репрезентации поминаа дури и полошо, како Србија и Хрватска и тие имаа по неколку заразени играчи. Првенството ќе се игра но јас сметам дека нема да донесе ништо добро за ракометот“, рече Обрван за босанските медиуми.

Босна и Херцеговина има тешка група и на првенството ќе се сретне со Шпанија, Шведска и Чешка во рамки на групата Е.