Хрватскиот шампион Загреб, кој во новата сезона ќе настапи со поголеми амбиции во однос на претходната, веќе започна со подготовките. Клубот во претходниот период ангажираше неколку звучни засилувања, меѓу кои и Тимур Дибиров од македонскиот шампион Вардар, па така „плинарите“ ќе имаат квалитетен тим за настап во Лигата на шампионите и ќе имаат можност рамо до рамо да се носат со поголемите ривали од европската елита.
Поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван, кој ја презеде тренерската функција во Загреб во текот на месец февруари, 2021 година, ќе ја започне новата сезона во хрватскиот шампион со далеку поквалитетен тим во споредба со ланската година.
Искусниот стратег во интервју за хрватскиот „Вечерњи лист“ ги сподели своите очекувања за новата сезона и истакна дека од новиот ракометар, екс вардарецот Вуко Борозан, очекува да се врати во препознатливата форма.
,,Во нашата екипа пристигнаа врвни играчи, но морам да кажам и дека си заминаа некои важни играчи кои беа предводници на играта минатата сезона. Тоа се Давид Мандиќ, Филип Вистороп и Сандро Обрановиќ. Факт е дека имаме тројца кружни напаѓачи – Муса, Граховац и Фаљиќ, а ако треба на таа позиција може да игра и искусниот Гојун. Ќе ми биде задоволство да работам со толку голем број сегашни и поранешни репрезентативци. Го познавам и го следам Дибиров со години, бидејќи со Вардар игравме неколку пати во секоја сезона. Што се однесува до Борозан, се надевам дека има дополнителна мотивација да покаже дека не е за отпишување по едногодишната авантура во Катар. Да се приближи до нивото на игрите од Вардар и делумно од Веспрем, ќе добиевме навистина големо засилување” изјави Обрван за „Вечерњи лист“.
Загреб за новата сезона освен Вуко Борозан и Тимур Дибиров, ги ангажираше и Габриел Бувиниќ и Тим Томљановиќ од Умаг, Милан Милиќ од Нант и Алжјаж Пантјар од Горење Велење.