Ракометарите на Загреб ја прославија првата победа во Лигата на шампионите оваа сезона, откако славеа над Мешков Брест со 31-24.
Тоа беше триуммф за „плинарите“ по 642 дена во елитното натпреварување и се доближија само на еден бод од Вардар на табелата.
За Загреб до крајот на годината останува гостување кај Монпелје и домашен двобој со Вардар. Левиот бек Сандро Обрановиќ вели дека тимот има јасна цел – мора да се освојат двата бода од дуелот со македонскиот шампион.
„Сите сме среќни – играчите, тренерите, вработените во клубот. Ова беа важни резултати и три бода за нас, па сега имаме четири. Во декември ќе имаме уште две средби – против Монпелје и Вардар. Си поставивме задача дека мора да го совладаме Вардар дома. Ако успееме тогаш ќе имаме шест бода на нашето конто. Сите се надеваме на успешни претстави на двата меча што ни остануваат до крајот на годината“, вели Обрановиќ за „Брз Центар“.
Вардар пред натпреварот со Загреб ќе гостува кај Кил и ќе има тешка задача да ја прекине низата порази. Ако загуби во Германија, тогаш многу веројатно двомечот со Загреб ќе ја решава иднината на македонскиот првак во Лигата на шампионите.