Норвешки клуб доби препорака да не патува во Русија на европски натпревар

Реваншот помеѓу екипите на руски Краснодар и Драмен од Норвешка во осминафиналето од Купот на ЕХФ е доведен во прашање откако Драмен доби препорака да не патува во Русија.

На официјалната веб-страна Драмен објави дека клубот добил препорака од Министерството за надворешни работи на Норвешка да не патува и претстојува во радиус од 250 километри од границата помеѓу Русија и Украина.

„Сега сме малку збунети после препораката на нашето МНР. Во контакт сме со министерството и ЕХФ, чекаме помош и совет како да се справиме со овој проблем“, изјави менаџерот на Драмен, Кјетил Гаустад.

На првиот натпревар во Норвешка кој се одигра на 12 февруари Драмен славеше убедлива победа против Краснодар од 37:23.

Голема улога во одигрување на реваншот ќе има ситуацијата на границата помеѓу Русија и Украина.