Репрезентацијата на Норвешка во третиот меч од главната фаза ја оствари посакуваната победа против Исланд со 35:33, која ги остава во игра за пласман во четвртфиналето. Сепак сè ќе зависи од последниот меч во групата помеѓу Франција и Португалија.
Исланд имаше подобро отварање на натпреварот, поведе со 2:0 и 4:2. Се играше брзо и ефикасно на двете страни, а Норвешка брзо го ја анулираше негативата. Од резултат 4:5, Норвежаните направија серија со четири последователни гола и го преземаа водството.
До крајот на првиот дел Норвешка го контролирше резултатот, постојано беше два до три разлика, но Исланд беше постојана опасност за противникот. Во финишот Исланд имаше уште еден добар период во кој целосно ја врати неизвесноста на натправарот па на полувреме се замина со 18:18.
Почетокот на второто полувреме им припадна на Норвежаните кои веднаш се одлепија. Во еден момент имаа пет позитива и се чинеше дека ќе стигнат до сигурна победа. Сепак Ислаѓаните не мислеа така, во 55. минута се доближија на 30:31, а три минути подоцна имаа и напад за нерешено.
Оваа шанса ја испуштија ракометарите на Исланд, потоа ги казни Рајнкинд и одново беше два разлика за Норвешка. Во последните моменти од мечот Исланд се обиде со поагресивна одбрана да избегне пораз, но Сагосен и Јондал ја потврдија победата на Норвешка.
Со оваа победа Норвешка има осум бода колку што има и Франција, а Португалија има шест и со победа над Французите би се формирала круг од три екипи со по осум бода каде што ќе одлучува гол разликата.