Селекцијата на Норвешка ја запиша втората победа во втората фаза откако беше убедлива против Алжир со резултат 36:23 во рамките од третата група на Светското првенство во Египет.
Искусните скандинавци во текот на целиот натпревар го диктираа темпото, а неизвесно беше со колку разлика ќе биде поразен Алжир. Избраниците на Кристиан Берге предвидени од Тонесен, Сагосен и Рајнкинд, не дозволија да бидат изненадени и го поправија впечатокот од дуелот со Португалија. Одиграа одличен натпревар и целосно го спречија противникот на терен.
Алжир водеше само на стартот на натпреварот. Типичната брза игра на Норвешка беше препознатлива низ теренот, а тоа резултираше со нивно водство од 5:3 по десет минути игра. Лесните и брзи голови продолжија во преостанатиот дел од натпреварот и главно без многу борба во одбраната се постигнуваа голови и на двете страни.
Тонесен со својот трет гол на натпреварот зголеми на 9:6 во текот на 13. минута, а Алжирците немаа доволно сили да им парираат на брзите ракометари од Норвешка, па последните десет минути од првиот дел беа само формалност. Техничките грешки на Алжир беа причина да имаат негатива на полувреме од 17:11.
Вториот дел помина во доминантна игра на Норвежаните. Веќе во 36. минута на семафорот резултатот беше 22:13 за Норвешка, па шанса во дресот на двете репрезентации имаа и ракометарите со помала минутажа.
Во последните натпревари од група 3, Норвешка ќе ги одмери силите со Исланд, селекцијата на Алжир за противник ја има Швајцарија. Скандинавците мора да победат и да чекаат триумф на Франција над Португалија, за да се пласираат во четврт-финалето.