Норвешка и Русија по план, со максимални четири бодa во вториот круг

Селекциите на Норвешка и на Русија дојдоа до победи и во 3. коло на Европското првенство во Данска така што со по четири бода ќе влезат во вториот круг од шампионатот. Норвешка со 28:20 ја совлада Романија, додека Русија со 30:26 ја надигра Шведска.

Репрезентацијата на Норвешка имаше тешко прво полувреме против Романија. Дозволи Романките да го диктираат темпото и да бидат во предност. Водеа со 13:12 и овој гол негатива го вклучи алармот, па во продолжението дојде до сосема поинаква игра.

Норвежанките наметнаа своја игра, почнаа да играат во шампионски ритам и тоа овозможи да се влезе во вторите 30 минути со сосема поинаков стил кој донесе целосен пресврт и висока победа. Конечните 28:20 се показател за она што се случуваше на теренот.

Со шест гола најефикасна на оваа средба беше Камила Херем, додека по петпати во голот на Романија погодија Офтедал и Братсет Дале.

Кај Романките со шест гола прв стрелец беше Остасе, додека Бучески и Неагу имаа по четири погодоци.

На средбата меѓу Русија и Шведска, ракометарките од „зборнаја“ имаа постојана предност. Практично двете полувремиња завршија со идентичен резултат.

Русија водеше со 15:13 на полувреме, а со истиот резултат заврши и второто полувреме. Конечните 30:26 донесоа бодови за Русинките кои влегуваат со четири бода во следната рунда така што остануваат во конкуренција за медал.

Дарија Дмитриева со шест гола беше најефикасна, додека Скоробогатченко, Козокар и Манагарова имаа по четири гола. Во составот на Шведска шест погодоци имаше Торлејсдотир, додека по три имаа Раск, Лундстром и Лагерквист.

Утре ќе биде комплетирана првата фаза на Европското првенство со што ќе бидат познати и сите патници за вториот круг.