Репрезентацијата на Србија на реванш дуелот проив Норвешка во квалификациите за Европското првенство 2024 беше поразена со десет гола разлика, 35:25 (17:12).
Норвешка не дозволи нов кикс со селекцијата на Тони Херона, откако на првиот дуел доживеа изненадување и загуби минимално со 25:24.
Скандинавската селекција сега во втората квалификациска група го презеде лидерското место, има шест бода, ист број на бода има второпласираната Србија, додека Словачка со победата над Финска од 32:25 (13:14) се позиционираше на 3. позиција со четири бода, два бода помалку има Финска.
Словачка останува во игра за пласман на континенталниот собир, бидејќи и преостануваат уште два натпревари, реванш дуелите против Норвешка и Србија.
Доколку добие еден од нив, или евентуално освои бод, со кој би завршила на третото место, тогаш најверојатно ќе биде меѓу најдобрите третопласирани четири репрезентации и ќе обезбеди билет за настап на ЕП во Германија.
Грција веќе со една нога се наоѓа пред пласман на ЕП, откако славеше против Белгија со 26:24 (13:12).
Нашиот јужен сосед освен двете победи против Белгија, има и триумф во дуелот со Холандија. До крајот на ракометарите на Грција му преостануваат реванш дуелите против ,,лалињата” и Хрватска.
БиХ предводена од новиот селектор Ирфан Смајлагиќ го запиша вториот квалификациски триумф, го победи Косово со 25:18 (10:7). Босанците со победата против Косово останаа во игра за континенталниот собир, но до крајот ќе треба да дадат максимум и да победат на барем еден од дуелите против Словенија и Црна Гора.
Исланд го поправи впечатокот од првиот дуел со Чешка и денес на реваншот беше убедлив со 28:19 (15:12). Двете селекции во третата квалификациска група имаат по шест бода, на трето и четврто место се Израл и Естонија со по два бода.