Репрезентацијата на Норвешка не дозволи смена на европскиот трон и со 27:25 ја победи Данска во финалето на Европското првенство 2022. Иако Данска во најголемиот дел од натпреварот беше во предност, селекцијата на Норвешка во последните десет минути успеа да го преземи водството и да го освои деветтиот златен медал на континенталните собири.
Ракометарките на Јеспер Јенсен, кои мотивирано влегоа во дуелот со ,,фаворизираната” Норвешка одлично го отворија финалниот натпревар и со погодоците на Бургард и Фрис имаа 2:0 во воведните минути. Норвешка првиот гол го постигна по речиси пет минути игра за 2:1, а потоа Мерк од пенал погоди за 2:2. Данска играта ја темелеше на цврстата одбрана и на сигурни напади, кои и овозможија солидна предност од 7:3 кон средината на првото полувреме.
Мерк и колешките за момент намалија на 7:4, но Бургард бргу погоди за 8:4, потоа Естергард промаши контра за пет гола разлика на данската репрезентација. Ниту Норвешка не играше на ниво, сѐ почесто грешеше во нападите и за само 18 минути имаше постигнато само два гола од игра. Данска се одлепи и на 9:4 и до крајот на првиот дел имаше рутинска контрола на резултатот. Одбраната на Данска на чело со најдобриот дефанзивец на Европското првенство, Катрин Хеиндал, одлично се справуваше со упорните ракометарки на Норвешка.
Во 20 минута водството на Данска беше 10:5, потоа Норвешка започна да ја намалува негатвата и во 22 минута дојде до минус два, 11:9. Сепак, Данска не ризикуваше многу, успеа да се консолидира и со првиот гол на Јоргенсен повторно дојде на четири гола разлика, 13:9. Репрезентацијата на Норвешка во финишот го подигна нивото на играта, но разликата остана иста, па така по 30 минути игра резултатот беше 15:12 во корист за данската селекција.
Првиот гол во второто полувреме беше постигнат во 35 минута од страна на Норвешка, која резултатски се доближи и намали на 15:13. Без оглед на тоа што Норвешка беше разновидна во нападите, ракометарките на Данска одржуваа предност од два до три гола разлика и во 40 минута имаа водство од 19:16. По предноста на Данска од 20:17, избраничките на Хергиерсон намалија на 20:18 и во 50 минута конечно дојдоа до израмнување на резултатот, 22:22.
Серијата од 4:0 на Норвешка беше прекината со голот на Естергард за 23:22 во 52 минута. Ветеранката Катрин Лунде, која застана на голот на Норвешка во 40 минута беше една од клучните фактори за пресвртот во финишот. Откако беше 23:23, Норвешка за првпат поведе со 24:23, имаше и 25:24 (57 минута) и во финишот успеа да ја надигра Данска и да дојде до златниот медал.
Најефикасна во победничката екипа беше Нора Мерк со осум погодоци. Во селекцијата на Данска се истакнаа Луис Бургард со шест и Ема Фрис со пет гола.