По репрезентацијата на Шведска, втор патник во главната фаза на Европското првенство 2022 е актуелниот бранител на титулата Норвешка, која во второто коло од групата А обезбеди убедлива победа против дебитантот Швајцарија, со резултат од 38:21.
Освен почетните 1:1, сѐ друго мина во знакот на искусните ракометарки на Норвешка, кои ја казнуваа секоја грешка на неискусната репрезентација и веќе по десет минути играа имаа водство од 9:3. Швајцарија се обиде да парира колку што може, да моменти покажуваше квалитет, но ништо повеќе не можеше да направи против разиграната Норвешка.
Селекторот на Норвешка, Хергеирсон веќе кон средината на првото полувреме ја измеша поставата, шанси добија и останатите ракометарки од клупата и во 20 минута резултатот беше 14:7 во корист за актуелиот европски првак, кој рутински ги одработи последните десет минути од првото полувреме и на пауза замина со убедлива предност од 19:9.
Норвешка за десет минути игра во вториот дел дојде до 26:11 и до крајот само ја зголемуваше резултатската предност. Голманките на Норвешка, Катрин Лунде и Силје Солберг во најголемиот дел од натпреварот немаа ни потреба да интервенираат, бидејќи нивните колешки одиграа одлично во одбраната и преку контри и полуконтри го зголемуваа водството од минута во минута за конечни 17 гола разлика (38:21).
Во последното, трето коло, од групната фаза во групата А, Норвешка ќе игра против Унгарија, додека Швајцарија првата победа ќе ја бара во дуелот против Хрватска.