Репрезентацијата на Норвешка продолжи со одличните игри на Европското првенство. Во првото коло од главната рунда Норвежаните имаа фантастично издание против Унгарија и тоа особено во првото полувреме. Норвешка триумфираше со 36:29.
Избраниците на Кристијан Берге максимално подготвени влегоа во дуелот, имаа извонредно отварање и веднаш започнаа да го мелат противникот. Норвешка отвори со 4:0, а веќе во 10. минута беше 8:2 и многу рано најави дека нема да дозволат изненадување.
До крајот на полувремето Унгарија имаше многу проблеми со разиграните Норвежани, а дополнителен проблем беше и црвениот картон на пикерот Бенце Банхиди. Во 18. миунта прв пат Норвешка имаше двоцифрена предност, 15:5 додека на полувреме беше 20:12.
Унгарија подобро го започна вториот дел, почна да ја намалува негативата и во 40. минута стигна на минус четири. Сепак Норвешка повторно заигра поангажирано и не дозволи противникот да направи голем пресврт.
Најефикасен во составот на Норвешка беше Сагосен со седум гола, а веднаш зад него со шест беше Јоханесен. Јондал и Рајнкинд постигнаа по пет гола. Во репрезентацијата на Унгарија Бенце Наѓ и Лигетвари постигнаа по пет гола.
Со оваа победа Норвешка има четири бода исто колку и Словенија на првата позиција, додека Унгарија останува на пренесените два бода од прелиминарната фаза.