Репрезентацијата на Норвешка го освои бронзениот медал на Европското првенството во Австрија, Шведска и Норвешка откако во дуелот за 3. место ја совлада Словенија со 28:20 во Теле 2 Арената во Стокхолм.
После вчерашните порази во полуфиналните дуели во исцрпувачки натпревари двете селекции најдоа сили да го одиграат својот последен натпревар за првенството. Уште од почетоткот на мечот голманите најавија дека ова ќе биде нивна вечер.
Ферлин и Бергерут беа несовладливи, двајцата до 20. минута имаа над педесет проценти одбранети удари. Норвешка имаше предност и го контролираше дуелот во првиот дел. Во 25. минута беше 10:7, а со иста разлика Норвежаните заминаа на одмор. По 30 минути игра беше 12:9.
Норвешка имаше одлично отворање на второто полувреме, Танген и Сагосен се погрижија за серија од 5:0 за високо водство од 17:9. Тука веќе се навестуваше победникот, но Словенците никако не требаше да се отпишат. Следуваше исклучување за двајца Норвежани по две минути што го искористија Словенците да ја прекинат серијата на притивникот и да ја намалат негативата.
Во 45. минута Норвешка имаше 18:13 и до крајот на натпреварот рутинирано ја одржуваше позитивата. Бергерут продoлжи да брани сè и целосно ги отпиша Словенците. Во завршните пет минути Норвежаните ја зголемија разликата за многу убедлив триумф и заслужен бронзен медал.
Најефикасен во составот на Норвешка беше Јондал со седум погодоци, а десното крило Бјорнсен постигна пет. Сагосен немаше баш свој ден и погоди само четирипати од 12 удари. Бергерут беше еден од најзаслужните за победата со 14 интервенции. Во составот на Словенија, Бомбач со пет гола беше најпрецизен, а на голот Ферлин запиша 14 одбрани.