Норвешка во вториот дел го скрши отпорот на жилавата Македонија

Женската репрезентација на Македонија загуби на последното гостување кај Норвешка со 32-27. Нашите девојки одиграа одлично прво полувреме, имаа реми, 14-14, а кон средината на вториот дел, домашните ја направија клучната разлика.

На почетокот се играше гол за гол, Македонија одлично парираше на актуелниот европски и светски првак. По 6-5 за Норовежанките, нашата селекција постигна три гола во серија. Стојковска, Јанеска и Саздовска донесоа плус два за Македонија, 6-8, по петнаесетина минути игра. Избраничките на Савевски ја одржуваа таа разлика, но по 9-11, се случи мал пад во нашата игра.

Делиа и Ларсен израмнија на 11-11, а потоа во контранапад Хаусенг донесе 12-11 за Норвежанките. Штериова беше исклучена, па во следните акции немавме многу решенија во нападот.

Сепак Дабевска на две минути до паузата израмни на 12-12, а потоа истата ракометарка израмни на 13-13. Ристовска постигна убав погодок за наше водство, но Арнцен израмни од пенал по истекот на времето, 14-14.

На стартот на вториот дел се играше гол за гол до 16-16, а потоа една црна дупка во нашата игра и Норвешка се одлепи на плус три, 19-16. Во два наврати Мицевска запре зицери, па Македонија стрелаше два пати по ред за 22-20.

И голманката на Норвешка, Гранлунд бранеше одлично, па неколку нејзини одбрани беа искористени за брзи погодоци и на десет минути до крајот, Норвешка имаше сигурна залиха, 28-23. Ристовска и Јанеска погодија за 28-25, но потоа две грешки во нападот и домаќинките пак стигнаа до плус пет, 31-26 и беше јасно дека победата останува дома.

Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Дабевска со пет, како и Ристовска, Гичевска и Јанеска со по четири погодоци, а голманката Мицевска забележа пет одбрани. Кај Норвешка се истакна Кристина Новак со девет гола.