Пред одржувањето на Светското првенство во Шпанија, Светската ракометна федерација го промени електронскиот формулар за регистрација на тимовите, па така обврска на сите играчи беше освен својата висина да ја внесат и својата тежина.
Поради тоа, претставниците на ракометната федерација на Норвешка намерно дале погрешни информации во врска со тежината на сите репрезентативки на Норвешка.
За време на првата фаза од натпреварувањето на Мундијалот во Шпанија, на преносите биле објавувани и информациите за тежината на ракометарките, па така ракометната федерација на Норвешка испратила барање до ИХФ да се повлечат тие податоци. ИХФ експресно реагираше и го послуша барањето од страна на норвешката федерација.
Поранешната ракометарка на Вардар, Камила Херем, даде краток коментар околу целата ситуација.
„Мислам дека мојата тежина воопшто не е потребна овде. Не ја гледам поентата во тоа. Висината е во ред, но не зборувајте за килограмите. Во нашиот спорт не е важно колку тежиш, секој може да игра без разлика на килограмите“.
И нејзината репрезентативна колешка, Малин Ауне смета дека не е потребно да се објавуваат информации за тежината на играчите.
„Никој нема причина да знае колку тежам. Ова беше барање на ИХФ. Мислам дека нема смисла да се објавуваат вакви информации“.