Норвешкиот шампион Колстад славеше против Еурофарм Пелистер во Битола со 31-22 во првото коло од Лигата на шампионите.
Асистентот на Кристијан Берге на клупата, Стиан Гомо, вели дека се задоволни од одиграното во полната сала.
„Имаше одлична атмосфера во салата и одлични навивачи, ова беше убаво искуство за нас. Одигравме цврсто во одбраната, имавме контрола на резултатот и над нивните пивотмени. Задоволен сум од одиграното“, вели асистентот на Кристијан Берге, Стиан Гомо.
Десното крило Сигвалди Гудјонсен вели дека иако е тешко да се игра во полна сала, од друга страна е задоволство.
„Беше луда атмосфера и тешко е да се игра пред полна арена пред вакви навивачи, но од друга страна задоволство е да се игра. Одигравме добар натпревар, имавме контрола од самиот почеток, пред се на играта во одбраната. Бергеруд одбрани одлично“, вели Гудјонсен.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде мечот со Вардар, а потоа во среда му гостуваат на данскиот Алборг во Лигата на шампионите, додека Колстад ќе го пречека полскиот Келце.