Екипата на Келце е вториот финалист во Лигата на шампионите, откако славеше со 25-24 во драматичен натпревар против францускиот ПСЖ. Исто како и минатата сезона, избраниците на Талант Душебаев ќе се борат за титулата во најелитното европско натпреварување.
На стартот на натпреварот се играше гол за гол до 8-8, но Паличка му одбрани пенал на Морито, а потоа промаши Сичко, па ПСЖ за првпат во мечот поведе со плус два, 10-8. Беше и 11-9, Кристопанс два пати погреши и Келце веднаш се врати до реми, 11-11.
Откако екс вардарецот погоди за 13-12, следуваше пад во играта на момците на Раул. Ненадиќ почна да промашува, немаше многу идеја во нападот и полскиот шампион со четири гола по ред направи комплетен преврт, 16-13. На паузата Келце замина со водство, 16-14.
Во вториот дел имаше спротивна слика. По предноста на момците на Талант Душебаев со 20-17, Стеинс со два брзи гола иницираше пресврт, погоди и Паличка во голот на Келце, па ПСЖ на десет минути до крајот беше во водство, 21-20. Продолжи играта гол за гол и кога остануваа уште пет минути за игра беше 24-24.
Имаше по неколку промашувања на двете страни, но Морито беше прецизен од пенал што го изнуди Карачиќ за 25-24 на стартот на последните 60 секунди. Раул побара тајм-аут. Стеинс се избори за позиција, но Вулф му го одбрани шутот и Келце имаше се во свои раце. Ја загубија топката Полјаците, останаа уште неколку секунди за ПСЖ, но шутот на Пранди заврши како плен на Вулф.
Германецот имаше 12 одбрани, додека најдобри стрелци беа Алекс Душебаев со шест и Каралек со пет гола. Кај ПСЖ одличен беше Паличка со 12 интервенции, а се истакна и Стеинс со шест погодоци. Во финалето Келце ќе се бори со германскиот Магдебург.