По завршувањето на ЕХФ недела, покрај сумирањето на резултатите на националните селекции, клубовите ги сумираат и повредените ракометари. Вардар имаше четири претставника во руската репрезентација – Горпишин, Калараш, Шишкарев и Атман.
Покрај Атман, кој по еден незгоден старт на дуелот со Аргентина, одигра само еден напад и не беше дел од ростерот против Шпанија Б и Полска, повреден од турнејата се враќа и пикерот Сергеј Горпишин.
Тој има повреда на менискусот и сигурно нема да биде дел од составот на Вардар за натпреварот со Пекинг во СЕХА лигата што ќе се игра во вторник.
Горпишин и Атман не се вратија во Москва, туку од Сан Хуан патуваа до Буенос Аирес, оттаму до Париз, а од француската метропола се упатија кон македонската. Во Скопје лекарскиот тим ќе утврди точно какви повреди имаат двајцата и колку ќе паузираат.
Утре Едуард Кокшаров, Данил Шишкарев и Глеб Калараш, ќе отпатуваат за Загреб, каде ќе им се приклучат на останатите вардарци. Кокшаров ќе смета веројатно само на Калараш и Сикошек Пелко на пивотменската позиција, а евентуално и капитенот Стоилов би можел да добие шанса.
Од претходно на листата повредени се бекот Толедо, а од поново време и Дибиров и Горбок. Се очекува левото крило да биде подготвено за дуелите од Лигата на шампионите против Мешков Брест и Келце.