Тренерот на Пик Сегед, Хуан Карлос Пастор се соочува со нови проблеми откако покрај левото крило Стефан Сигурмансон го загуби и десниот бек Лука Степанчиќ во следните три месеци.
Ова значи дека нема да може да смета на неговите услуги за дуелот од 3. коло против Вардар на домашен терен и ќе има ослабен состав.
Степанчиќ имаше повреда на стапалото и поради неа мораше да му биде направена хируршка интервенција. После ова е потребно да паузира во следните три месеци со што практично ќе ги пропушти сите средби од Лигата на шампионите до крајот на 2020 година.
Ова може да биде проблем и за репрезентацијата на Хрватска. Селекторот Лино Червар може да остане без него за Мундијалот во Египет, доколку тој не биде подготвен навреме за да се стави на располагање.
Инаку, Степанчиќ пристигна во Пик Сегед минатата сезона од ПСЖ, а беше еден од подобрите играчи на вицешампионот на Унгарија.