Нов предизвик за Македонецот: Костадин Петров се сели на Исланд!

Македонскиот репрезентативец Костадин Петров, по настапите во Романија и Шпанија, ќе има трет интернационален предизвик во кариерата.

Петров потпиша договор на една сезона со исландскиот тим Тор Акурејри, со можност да соработката да биде продолжена за уште една сезона ако двете страни се задоволни од соработката.

Тренер на исландскиот тим е македонскиот стратег Стевче Алушовски, па тој ќе има нова шанса да соработува со сонародник по ланската соработка со Томи Јагуриновски.

Петров потекнува од составот на Борец, играше за Радовиш и Куманово, пред да се пресели во Металург, од каде замина во Пелистер. Настапуваше за романската Сучеава и шпанската Гвадалахара, а минатата сезона играше за тимот од Автокоманда и шампионот Вардар.

Тор Акурејри за влакно не успеа да се пласира во елитната конкуренција на Исланд, но сезонава има зголемени амбиции, а Петров треба да му помогне на клубот во нивното остварување.