Македонскиот десен бек Стефан Трпчевски ќе има нов предизвик во кариерата, откако потпиша договор до крајот на сезоната со финскиот шампион БК-46, со можност да биде продолжен на уште една сезона ако двете страни се задоволни од соработката.
Станува збор за тим што лани ја освои титулата во прекинатото првенство поради коронавирусот пред Кокс и Дикен. БК-46 требаше сезонава да игра во ЕХФ Купот, но се откажа поради строгите ковид протоколи во Финска.
„Потпишав договор на шест месеци поточно до крај на сезоната со услов за продолжување на уште една година со актуелниот шампион на лигата во Финска, тимот на БК-46 од Карис. За Финска заминувам за неколку дена и ќе пристигнам пред натпреварите со директните конкурети за првото место екипите на Дикен и Кокс. Со нетрпение очекуваам да се приклучам на мојот нов тим за да учествувам и придонесам за повторно освојување на шампионската титула во Финска“, вели Трпчевски за 24Ракомет.
Трпчевски потекнува од битолски Пелистер, во Македонија ги бранеше боите на Вардар Јуниор, Охрид и Струга, а има настапи и за првиот тим на Вардар.
На меѓународна сцена беше дел од израелскиот Хапоел Кирјат и грчкиот Фаикас Корфу. Во Финска настапуваа тројца македонски интернационалци – Игор Трајковски и Филип Чурлевски за СИФ, а Илија Крстевски за ПИФ.