25-то издание на африканското првенство во машка конкуренција, кое требаше да се одржи во Мароко од 13 до 23 јануари оваа година, ќе стартува на 11 јули, но во Египет.
Африканската ракометна конфедерација донесе одлука домаќин да биде Египет откако Мароко предложи натпреварите да се одржат на дел од окупираната територија во Сахара.
Тоа беше причина за потенцијален бојкот од страна на Алжир, кој се закануваше дека нема да учествува на африканскиот собир доколку Мароко биде домаќин. Африканската ракометна конфедерација мораше да пронајде алтернатива, со цел африканскиот шампионат да добие на квалитет.
Исто така, Алжир го загуби правото да биде домаќин на Африканското првенство во 2024 година. Како и оваа година, така и во 2024, домаќин повторно ќе биде Египет. Во земјата на фараоните, по шести и седми пат ќе се одржи Африканското првенство, последен пат Египет беше домаќин на турнирот во 2016 година.
Од ова првенство, пет селекции ќе изборат пласман на Светското првенство во 2023 година во Полска и Шведска, а круната ја брани селекцијата на Египет, која повторно е главен фаворит за освојување на титулата.