Нови сомнителни натпревари – се ‘местело’ и на женското ЕП 2018 година?

Данската телевизија ТВ2 повторно излезе со податоци за местење на ракометни натпревари од големите натпреварување. Споменатата телевизија овој пат се осврна на натпреварите од Европското првенство 2018 во женска конкуренција, кое што се одигра во Франција.

Според пишувањата на телевизијата од Данска, за време на континенталниот собир, неколку натпревари биле под сомнение, со оглед на тоа дека неколку лица се обложиле со висока сума за истите, а француската полиција покренала истрага.

Според ТВ2 и каналот Франс ТВ, првиот сомнителен натпревар на Европското првенство 2018 бил меѓу репрезентациите на Данска и Шведска.

Натпреварот меѓу скандинавските селекции завршил со победа на репрезентацијата на Данска од еден гол разлика, 30:29. Пред натпреварот меѓу репрезентациите на Русија и Црна Гора, едно лице со висока сума се обложило на победа на „зборнаја“ со еден гол разлика, средбата завршила со победа на руската селекција со резултат 24:23.

Дополнителен сомнеж било тоа што на сите овие натпревари правдата ја делеле судиите од Хрватска, Далибор Јуриновиќ и Марко Мрвица. Европската ракометна федерација (ЕХФ) го потврдила фактот за истрагата против судиите, а уверила и дека целосно соработувала со француската полиција.

Без доволно докази за местење на натпревари, обвинителството во Нант го затворил случајот за евентуалните местење на континенталниот собир во 2018 година.