Поранешен играч во репрезентацијата сега по пауза од 11 години повторно е во сениорскиот тим, само сега ќе биде на клупата.
Откако се собраа репрезентативците пред дуелот со Финска и Швајцарија, по само еден одржан состанок се распуштија и комплетни ќе тргнат во понеделник. Тогаш треба да пристигнат најголем дел од играчите кои веднаш ќе се тестираат за да може да имаат негативен тест за натшпреварот во среда со Финска. Промени сигурно ќе има и на клупата. Селекторот Данило Брестовац нема да може да смета на своите досегашни соработници, и приморан е да прави промени.
Помошникот Никола Матлиески кој истовремено е тренер во Пролет и тренерот на голманите Александар Царчев од екипата на ЖРК Вардар ќе ги скокнат овие квалификациски средби. Матлиески е во изолација веќе втора недела откако поголем број на ракометари на Пролет беа позитивни на Ковид 19, а тој на денешното тестирање првпат беше позитивен, па ќе мора да остане во изолација. Со позитивен тест е иЦарчев кој денеска самиот објави дека е позитивен на тестирањето на стартот од подготовките.
За да може стручниот штаб да биде комплетен за овие две средби и Брестовац да има помош на тренинзите и натпреварите веднаш беше реагирано, па има нови тренери кои ќе работат заедно со него. Тренерот на Охрид, кој е и селектор на пионерската селекција Радослав Стојановиќ треба да се вклучи во стручниот штаб на сениорите, како асистент на Брестовац. Но, прво ќе мора да направи тестот за Ковид-19 и ако е негативен ќе му асистира на Брестовац.
За време на оваа ЕХФ недела тренер на голманите ќе биде Ице Соколески. Стратегот кој работи во тимот на Еурофарм Пелистер, а во 2017 година беше дел од стручниот штаб на младинската селекција на Македонија која заврши на 6. место на Мундијалот во Алжир одново ќе работи во сениорската репрезентација бидејќи беше дел и од стручниот штаб на Червар.