Нови детали од инцидентот во Унгарија: Ракометарот има повредено уво и можни трајни последици

Македонскиот млад ракометар што физички бил нападнат од свој тренер во Унгарија, има повреди на увото и можно е да има трајни последици  по неговото здравје. Се уште нема официјална потврда од надлежните институции, ниту пак изјава од засегнатиот клуб колку се сериозни повредите на ракометарот и кој е тренерот по ракомет  В.К., кој се спомнува во билтенот на МВР, и за кој  родителот на малолетникот поднел пријава  во полиција

Поради отсуството на изјави од клубот и надлежните или засегнати институции за инцидентот што се случил во Унгарија, далеку од македонските надлежни органи, во текстот нападот ќе го спомнуваме како „наводен“, но фактот е дека тој е пријавен и евидентиран во билтенот на МВР.

Лица кои имаат блиски контакти со екипата која била во Унгарија, за 24ракомет го потврдија инцидентот. Велат дека се случил за време на натпревар, и вечерта ракометарот имал силни болки и крварење од увото. Откако се вратил во Скопје имал лекарски преглед каде било констатирано повреда на увото и можни трајни последици, но сите овие информации се неофицијални .

Односно, молчи клубот кому родителите му ги дале децата со доверба дека се безбедни со неговите тренери, молчи и Ракометната федерација, а официјално одбиваат да говорат и родители кои претходно потврдувале дека и нивното дете се соочило со насилно однесување или напад во контакт со истиот тренер.

Молкот само  додава на сериозноста на појавата и потребата отворено да се проговори за безбедноста на младите ракометари од оние кои треба да ги учат и заштитат во ракометната сала.

ДАЛИ НЕКОЈ САКА ДА СЕ ПРЕМОЛЧИ ИНЦИДЕНТОТ
Се отвора и прашањето дали некој сака во јавноста да се премолчи наводниот напад врз малолетник  со наводни можни трајни последици од човек што е платен да се грижи за неговиот развој како млад ракометар?  Како и прашањето кој е заштитен со молкот – младите ракометари или наводно насилниот тренер?  Не е познато ниту која е причината за која тренерот наводно го нападнал малоленикот.

Неодамна во Србија се случи голема трагедија по која македонските училишта и родителите ги отворија темите за врсничко насилство како, и поради несолени шеги пријавија неколку малолетници со наводно „опасно“ однесување во полиција.

Според официјалниот билтен на МВР, таткото на малолетникот го пријавил инцидентот во полициска станица во Ѓорче Петров.

„На 05.06.2023 во 18.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, П.Р.(42) од Скопје пријавил дека на 02.06.2023 околу 15.00 часот во Унгарија, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неговиот тренер по ракомет, В.К.“, објави МВР.

ИГРАЧИТЕ РЕШИЛЕ ДА „НЕ ИГРААТ“
Наводно децата се обиделе да кажат „доста“! Според неофицијалните извори, откако се случил инцидентот, сите малолетни ракометари во екипата  наводно решиле да го „бојкотираат“ тренерот и не сакале да го продолжат натпреварот.   Сепак ја продолжиле играта и  мечот го загубиле со повеќе голови, иако на полувреме имале предност.

Децата наводно сметале дека таквиот однос на нивниот тренер не е примерен и сакале да покажат дека истиот не го поддржуваат. Иако инцидентот се криел до враќањето во Скопје, истиот ескалирал со пријава во полиција, и веројатно со тужба од страна на родителите за тренерот.

Наводно ниту едно дете не смеело да зборува за она што се случило додека екипата била во Унгарија. Од клубот нема информација дали навистина имало забрана и дали таа потекнувала од наводно насилниот тренер со иницијали В.К.  или од клубот.

ДРАМА ОКОЛУ АВТОБУСОТ
Вистинска драма се случувала кога екипата се вратила во Скопје. Родителите на малолетникот барале објаснување од тренереот за она што се случило. Но, наместо објаснување,  тој почнал да се одалечува од нив. Еден од родителите почнал да го брка околу автобусот, сакајќи да го „фати“, но  избегал од рацете на разбеснетите родители.

Ракометната федерација на Македонија по допрен глас може да отвори дисциплинска постапка, особено што се работи за екипа што ја претставува Македонија на турниот во Унгарија. Иако засега молчи, и клубот ќе превземе одредени мерки, иако засега истиот молчи.

Официјална потврда за тоа кој е клубот  чиј тренер наводно ја поминал црвената линија, се уште нема.

Според информациите кои се, пак, јавно достапни, едиствен клуб што во меѓувреме ја извести јавноста преку својата Фејсбук група дека ќе учествува на турнир во Унгарија е „Алкалоид“. Изјава побаравме, но се уште нема одговор.