По победата над актуелниот шампион Вардар, тимот на Еурофарм Пелистер 2 ја продолжи серија и со триумф на гостински терен кај Радовиш со 24-29. Сепак за новите бодови, битолчани мораа добро да се испотат.
По 2-3 за битолчани, Радовиш направи серија од четири гола за 6-3 по десетина минути игра. Во неколку наврати во продолжение домашните имаа плус три, но како одминуваше времето, така гостите полека се враќаа во игра.
По 12-9 за избраниците на Васко Василев, погодуваа Кузманоски, Белистојановски и Ѓорговски за 12-12. Беше и 13-13, но Радовиш замина на пауза со гол предност на полувреме, 14-13.
Како што заврши првиот дел, така почна и вториот. Битолчани останаа без голманот Бобан Ристевски, кој доби црвен картон, поради груб фаул. Беше 19-17, но Димитриоски и Арсеновски израмнија на 19-19, а на петнаесетина минути до крај беше 20-20 и се мораше да почне од нула.
По 21-21, избраниците на Александар Јовиќ се одлепија на плус три, 21-24, но домаќините не се откажуваа од камбек. Вујниќ и Трајчевски реализираа за 23-24, па имаше промашувања на двете страни пред Петровиќ да погоди за 23-25 за Еурофарм Пелистер 2.
Црвен картон имаше и за домаќините по трите исклучувања на Постолов на пет минути до крајот, а гостите повторно преку Петровиќ од пенал стигнаа до 23-26 и ја најавија новата победа.