Новиот селектор на машката репрезентација на Полска, Марцин Лијевски, го објави поширокиот список на ракометари за последните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.
На списокот фигурираат 21 ракометар, и во случај на повреда на некој од нив, Лијевски ќе може да повика дополнително нов играч од резервиот список на кој се наоѓаат шест играчи.
Меѓу избраните ракометари има 11 интернационалци, поголемиот дел од нив играат во Германија.
Лијевски на списокот го смести и левото крило на Вардар, Јан Чувара, кој заедно со своите репрезентативни колеги настапи на Светското првенство во јануари и покажа дека знае да одигра на високо ниво.
Полска на 27 април ќе игра со Италија, додека три дена подоцна, односно на 30 април на свој терен ќе ја пречека Летонија во рамки од квалификациите за пласман на континенталниот собир наредната година.
Со воведните две победи против Италија и Летонија, селекцијата на Полска практично има обезбедено пласман на Европското првенство 2024.