Новиот селектор на БиХ ги „отпиша“ браќата Буриќ, Периќ, Вегар…

Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на БиХ, Ирфан Смајлагиќ денес го објави скратениот список на играчи за подготовките во пресрет на првите два квалификациски натпревари за ЕП 2024.

Смајлагиќ за подготвителниот период ќе може да смета на 22 играчи, а дополнително ќе треба да одлучи со кој состав ќе настапи на натпреварите против Словенија и Црна Гора.

На скратениот список од поискусните ракометари се наоѓаат Мирсад Терзиќ, Ален Овчина, Адмир Ахметашевиќ, Мирко Херцег, Елмир Граџан… Смајлагиќ за квалификациските натпревари ќе може да смета и на Марко Паниќ, кој одреден временски период не настапуваше за босанската репрезентација поради конфликт со тогашниот селектор Ивица Обрван.

Тројцата поранешни ракометари на Еурофарм Пелистер, Јосип Периќ, Марин Вегар и Невен Стјепановиќ, но и браќата Сенјамин и Бенјамин Буриќ беа ставени на поширокиот список. Според информациите на босанскиот портал „Спорт1.ба“, браќата Буриќ се изоставени за првите два квалификациски натпревари бидејќи, моментално, се опоравуваат од повредите кои ги имаа во изминатиот период и не се 100% подготвени за предизвици во националниот тим.

БиХ квалификациите за пласман на ЕП 2024 ќе ги започне на 13 октомври против Словенија, потоа три дена подоцна на свој терен ќе ја пречека Црна Гора. Ракометарите на БиХ освен со Словенија и Црна Гора ќе играат и со репрезентацијата на Косово.

Босанците во првите квалификации за пласман на СП 2023 беа елиминирани од нашиот јужен сосед и утеха ќе бараат во квалификациите за континенталниот собир во Германија, но со изменет состав во однос на претходните години.