Хрватот Петар Топиќ кој настапува во унгарското првенство во екипата на Балатонфуреди доби унгарско државјанство и во иднина ќе има можност да конкурира за настап во репрезентацијата на Унгарија.
Топиќ е поранешен ракометар на Металург и на Пелистер. Тој дојде од Пореч во Автокоманда во сезоната 2013/14 и од Червар беше најавен како „новиот Вори“, па потпиша три годишен договор.
Сепак не се изнаигра и договорот беше раскинат, па се врати во Хрватска во Каштела. Потоа играше и за Пелистер, а од Битола замина во унгарскиот Вац, каде што почна да ги покажува своите квалитети.
Од Вац премина во Балатонфуреди во 2017 година и оттогаш е еден од лидерите на тимот и секогаш е меѓу главните стрелци.
Освен Топиќ уште еден ракометар на Балатонфуреди доби државјанство на Унгарија и ќе може да конкурира за репрезентацијата на Иштван Гулјаш. Се работи за Шпанецот, десното крило Педро Родригез кој исто така подолго настапува во Унгарија. Во 2016 пристигна во ПИК Сегед, а во 2019 година премина во Балатонфуреди.
Претходно унгарски државјанства земаа Хрватот Среќко Јерковиќ од Комло и Србинот Марко Васиќ од Вац.