Ракометарките на Металург продолжуваат со одличните игри во Женската лига. Во 5. коло на гостувањето кај Стружанка запишаа нови бодови со триумфот од 24:18.
Гостинската екипа имаше многу добро отворање на натпреварот кога успеа да направи предност која беше клучна за победата. Металург го отвори натпреварот со 4:0. Многу брзо потоа Стружанка имаше негатива од седум гола кога беше 2:9. До крајот на полувремето Металург немаше проблеми да го сочува водството и на одмор замина со пет предност, 15:10.
На почетокот на вториот дел Стружанка најави дека нема да се предаде и покрај негативата. Намалија на 12:15, а потоа и на 15:17, но шампионот не дозволи целосен пресврт. Следуваше нова серија на гостинските ракометарки која беше завршен удар за девојките од Струга. До крајот без многу проблеми Металург стигна до нови бодови и се зацврсти на врвот на табелата.
Во екипата на Стружанка имаше две расположени ракометарки, тоа беа Магдалена Делиоска која постигна шест гола и Радмила Јовичинац која беше прецизна пет пати. Најефикасна во победничката екипа и воопшто на натпреварот беше Јана Калајџиевска со осум погодоци. Тасевкса и Петковска постигнаа по четири гола.
СТРУЖАНКА – МЕТАЛУРГ 18:24 (10:15)
Сала: Нико Нестор во Струга. Гледачи: 200. Судии: Адриана Здравковска и Сања Божиновска од Скопје. Делегат: Дјаковски Васко од Кичево.
СТРУЖАНКА: Митоска, Ристоска, Калајџиевска, Јовичинац 5, Голабоска, Маркоска 3, Дукоска 2, Переска, Домазетоска, Јоноска, Затуроска 2, Ѓоршулеска, Балоска, Петреска, Делиоска 6, Јусуфи.
Седмерци: 4/5. Исклучувања: 6 мин.
МЕТАЛУРГ: Илјаз, Гугуљанова, Гулицоска 2, Тасевска 4, Смајлоска 2, Арсениевска, Алексоска, Дамечвска 2, Калајџиевска 8, Божиновска 2, Граматова, Стефановска, Петковска 4, Паскал.
Седмерци: 3/4. Исклучувања: 10 мин.