Ракометарите на Еурофарм Работник забележаа пораз на гостувањето во Шабац кај српската Металопластика со 27-26 и се чини дека се далеку од првите две места во групата Б од СЕХА лига што носат директно место во четвртфиналето.
Битолчани отворија одлично со предност од 0-4, па имаа 1-5, но како одминуваше времето така домашните ја топеа разликата и на пауза се замина само со гол предност за „фармацевтите“, 11-12.
Во второто полувреме избраниците на Стевче Алушовски имаа водство на два пати со по три гола, но ниту тоа не им беше доволно, па стандардно за нивните мечеви се влезе во неизвесен финиш.
Најчесто се играше гол за гол, со тоа што Еурофарм секогаш водеше, а домашните израмнуваа. Во 56. минута битолчани останаа со двајца играчи помалку, а тоа го искористи Металопластика и за првпат поведе во мечот преку Бабиќ со 25-24.
Иако Алушовски викна тајм-аут, сепак неговите момци погрешија во следниот напад и Матичиќ казни со гол во брза контра за 26-24, но Вегар со два брзи погодоци израмни на 26-26, резултат со кој се влезе во последната минута.
На триесетина секундо до крајот, Матичиќ погоди од пенал, а на спротивната страна Јандриќ го запре ударот на Вегар и Металопластика стигна до голема победа, 27-26. Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Вегар со осум и Јотиќ со седум голови.
За Еурофарм Работник остануваат уште три средби од групната фаза, ќе гостува кај Веспрем и Спартак Москва, а дома ќе го пречека Загреб.