Ракометарката од Хрватска, Анѓела Жагар, на која тамошните медиуми и предвидуваат блескава иднина, направи голем трансфер и од Локомотива Загреб се пресели во еден од најдобрите клубови во Европа, Мец.
За услугите на Жагар, која има само 17 години, беа заинтересирани речиси сите поголеми клубови од Европа. Во францускиот клуб ќе и прави друштво на нејзината сонародничка, Ќамила Мичијевиќ. Младата ракометарка со раководството на Мец се договори на тригодишна соработка.
Жагар ги одработи првите тренинзи со Мец, но ќе има право на настап од следната сезона, поточно од септември. Десниот бек за официјалната страна на нејзиниот нов клуб истакна дека со направениот трансфер се остварени нејзините соништа.
„За мене ова е остварување на сите мои соништа. Сè уште не можам да верувам дека ќе бидам ракометарка на клуб како Мец. Имам привилегија да тренирам со најдобрите играчи во светот. На почетокот на тренинзите имав позитивна трема и бев многу возбудена што ги запознав овие одлични соиграчи. Ќе дадам сѐ од себе да ја оправдам довербата на тренерите, моите соиграчи и клубот. Сите во клубот имаат разбирање, од тренерот, па сѐ до членовите. Многу сум благодарна за сето ова! Градот е убав, луѓето овде се многу фини и се е совршено“, изјави Жагар.
Мец за следната сезона планира да направи реконструкција на тимот, но најверојатно, главните ракометарки ќе останат во екипата.