Селекциите на Шведска и Белорусија одиграа нерешено, 26:26, во последниот натпревар од денешната програма во Групата 4. Белорусите испуштија предност од дури осум гола, а во последните секунди спасуваа реми и успеаја да дојдат до значаен бод.
Од почетокот на средбата се виде многу големо расположение на теренот кај ракометарите на Белорусија кои играа фантастично. Ги затворија приодите кон својот гол и лесно реализираа, па почнаа брзо да ја зголемуваат разликата.
Имаа 5:1 во отворањето на средбата, а овие четири погодоци разлика овозможија натпреварот да продолжи во одличен ритам и да може да се диктира темпото на овој дуел.
Швеѓаните не можеа никако да се „состават“ и да заличат на селекцијата која во првиот круг доминираше во Групата Г. Најголемата негатива за Шведска беше осум гола во 23. минута. Тогаш резултатот беше 5:13, па мораше да се консолидираат редовите.
До крајот на првото полувреме Швеѓаните се вратија во потребниот ритам и намалија, па на одмор заминаа со 11:15.
Во вториот дел од натпреварот Белорусите беа далеку од играта која ја прикажаа во првите 20 минути од средбата. Попуштија и дозволија Шведска постојано да се доближува. Сепак, на Швеѓаните им требаше време за да стигнат до предност и успеаја да поведат дури во 50 минута од натпреварот кога имаа 22:21.
Од тој момент се тргна во игра гол за гол, при што Белорусите израмнуваа. До крајот на средбата одеше во ист стил, а Јуринок на 2-3 секунди до крајот го постави конечниот резултат од 26:26. Иако водеа осум разлика, сепак, мораше да се радуваат на бод бидејќи тие реализираа за реми на овој дуел, па најавија многу возбудувања во оваа група до крајот кога е во прашање битката за пласман во четврт-финалето.