Еден од ракометарите кои беа дел од сите успеси на Вардар од 2012 до 2019 година, Игор Карачиќ нема да се врати во Вардар бидејќи се обврза на нов договор со Келце кој ќе биде со траење до 2025 година.
Иако постоеја најави дека после одработување на договорот кој истекува во јуни следната година би можел одново во Вардар, Карачиќ одлучи да ја прифати понудата на шампионот на Полска и да остане во екипата во која игра во последните три сезони. Новиот договор е на уште три сезони така што е јасно дека ќе биде и понатаму дел од тимот кој доминира во првенството на Полска.
„Можам само да кажам дека сум среќен што успеавме да се договориме со клубот и што ќе можам да ја продолжам мојата кариера во Келце. Со сопругата се чувствуваме одлично овде и имаме сè што ни треба. Клубот е на највисоко можно ниво и нашите амбиции растат со секој нов ден. Во овој проект веќе е многу вложено и се надевам дека ние, играчите предводени од нашиот тренер ќе успееме да ги реализираме сите планови. Верувам дека нема да останеме без успеси и ќе ги израуваме и нашите навивачи“, изјави Карачиќ за клупскиот сајт.
Тој беше дел од двете круни на Вардар и сите успеси кои „црвено-црните“ ги имаа во последните години. Сепак, си замина после освоената круна во 2019 година, после седум сезони во дресот на шампионот на Македонија.