Ниту титула, ниту место во ЛШ не може да ја премисли Андреа Кобетиќ

Екипата на Шиофок има одлична сезона во првенстото на Унгарија каде што во досегашниот тек успеа да триумфира над најголемите конкуренти Ѓер и Ференцварош. Моментално Шиофок се наоѓа на втората позиција на табелата со добри шанси за пласман во Лигата на шампионите следната година, а нема да изостанат ниту шансите за титула во унгарскиот шампионат.

Една од носечките ракометарки на успехот на овој тим е Андреа Кобетиќ која ни е позната од деновите кога настапуваше во Вардар со презимето Пенезиќ. Таа уште порано најави дека става крај на кариерата по завршувањето на сезоната. Сега во изјава за унгарските медиуми потврди дека ништо нема да ја поколеба во одлуката.

„Многу ми го поставуваат прашањето за моето пензионирање, реков минатата година дека ќе се откажам на крајот но ме премислија. Без разлика на мојата форма јас на крајот на сезоната сакам да одам во пензија. Не е прашање мојата форма туку се откажувам заради приватни причини. Размислувам за иднината, за нов начин на живот и секако моето семејство. Би било супер доколку му помогнам на Шиофок да ги оствари своите цели во Лигата на шампионите, но тоа е готово не мислам да ја сменам одлуката уште еднаш. Јас сум благодарна на сите, моите соиграчи, публиката и управата но ја донесов одлуката“, рече Андреа Кобетиќ.

Хрватската интернационалка имала понуди и од уште два тима. Се работи за конкурентот на Шиофок од домашното првенство Ференцварош и рускиот Ростов Дон. Сепак се чини овој пат Кобетиќ е цврсто решена да стави крај на кариерата.