Тимот на Охрид и без тренерот Раде Стојановиќ и суспендираниот Михајло Младеновиќ, успеа да оствари убедлива победа над големиот ривал Струга со 29-18, па од очекуваното езерско дерби немаше ниту Д.
Домашните отворија со водство од 7-1, па уште на стартот го решија победникот на натпреварот. За момент стружани намалија на 9-4, но повторно нивниот напад влезе во „црна дупка“.
Во продолжение Брауновиќ бранеше одлично, па неговите соиграчи ја зголемија предноста и на плус девет, 13-4. Беше и 14-5, а Струга до крајот на полувремето успеа да намали од негативата преку Ѓорѓиески за 14-7.
Во вториот дел гостите се соочија со повреди на Бајрактаревиќ и Савески, па не можеа да парираат на расположениот домаќин. По 15-8, три гола во серија за Охрид, па веќе беше 18-8 и немаше назад за Струга.
Кај охриѓани, шанса да изведе седмерец доби младиот Никола Ристески и го реализираше, па Охрид стигна до 22-11. До крајот се играше колку да се одигра, па мечот заврши со победа на домашниот тим со 29-18.
Одлична партија на голот на Охрид имаше Брауновиќ, а најдобар стрелец беше капитенот Тасески со шест гола, додека пет даде Шилегов. Кај Струга се истакна Кастратовиќ со осум погодоци.