Ракометарите на Охрид го задржаа максималниот биланс и во третиот натпревар во Суперлигата, ја забележаа третата победа. Избраниците на Раде Стојановиќ немаа никакви проблеми во езерското дерби против тимот на Струга и славеа убедлив триумф со 31-16.
Стружани парираа само во првите десетина минути, кога домашниот тим водеше со еден или два гола разлика. По 6-5, гостите влегоа во серија грешки и Охрид се одлепи на 9-5. Ништо не се промени по тајм-аутот на Танески за Струга, па охриѓани ги казнуваа сите грешки со лесни погодоци од контранапади за плус девет на пауза, 18-9.
Во второто полувреме Стојановиќ ги ротираше сите ракометари, им даде шанса и на оние со помала минутажа, но тоа не ги промени силите на теренот, па стружани не можеа да ја бркаат домашната предност.
Охрид рутински го доврши мечот и победи со 16 гола разлика. Најдобри стрелци во домашниот тим беа Денис Тот со осум и Иван Тасески со четири погодоци, а голманот Никола Даниловски собра 12 одбрани, додека кај стружани, Христијан Крстаноски даде пет гола.
Во следното коло охриѓани гостуваат кај Јуниор Кисела Вода, додека Струга ќе игра дома против Радовиш.



ОХРИД























