Екипата на Струга во сабота ги започнува настапите во Купот на Македонија. Прв противник на Струга ќе биде прволигашкиот тим на Македонија Ѓорче Петров.
Овие две екипи, исто така се сретнаа во ланските елиминациски натпревари во Купот на Македонија, а тогаш тимот на Струга убедливо го доби дуелот против „лавовите” со резултат 37:26.
Тренерот Жарко Ферукоски очекува дека неговите избраници ќе одиграат на висина на задачата.
„Иако сме големи фаворити, сепак, не треба да го потцениме противникот. Се работи за клуб кој покажуваа солидни резултати во Првата лига и клуб во кој има неколку квалитетни ракометари. Треба да одиграме концентрирано во нападот и одбраната, доколку сработиме според договореното, тогаш не би требало да имаме големи проблеми”, изјави Ферукоски.
Голманот Дамјан Тутенкоски очекува лесна победа над прволигашот од Ѓорче Петров.
„Во сабота ни гостува тимот на Македонија Ѓорче Петров и очекувам да ја оправдаме фаворитската улога и лесно да ги совладаме. Противникот се натпреварува во Првата лига, но не смееме да го потцениме, иако сме поквалитетна екипа нашиот квалитет треба да го покажеме на теренот. Треба да одиграме максимално и да не му дадеме на противникот простор за некакво изненадување” изјави Тутенкоски.
Натпреварот помеѓу Струга и Македонија Ѓорче Петров се игра во сабота, 10 декември, во спортската сала „Нико Нестор“, со почеток од 18:00 часот.