Една од најдобрите ракометарки која сѐ уште е активна на ракометните терени, искусната Силвија Наваро нема намера да оди во пензија. Репрезентативката на Шпанија го продолжи договорот со нејзиниот актуелен клуб Рокаса, а тоа значи дека ќе брани и на 45 години.
Наваро пристигна во Рокаса во текот на 2013 година и наредната сезона ќе и биде 12-та во клубот. Претходно во сезоната 2012/13 настапуваше во Романија каде што ги бранеше боите на Валчеа, но многу брзо по само една сезона се врати во својата татковина.
Искусната голманка на Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна Гора (2022), го заврши настапот по еден меч. Наваро ги скина вкрстените лигаменти на коленото на мечот со Црна Гора и поради тоа не можеше им помогне на своите репрезентативни колешки на континенталниот собир.
Највозрасната репрезентативка на Шпанија се наоѓа во процес на рехабилитација и наскор осе очекува да се врати меѓу стативите и своето знаење и искуство да им го пренесе на помладите играчи.
44-годишната ветеранка својата кариера ја започна во Мар Сагунто, потоа играше за повеќе шпански клубови. Најголемиот клупски успех го постигна со некогашниот шампион на Шпанија, Ичако, кој во сезона 2010/11 го освои второто место во Лигата на шампионите.