Една од најдобрите голманки на светот Катрин Лунде, која во својата ракометна кариера освои сѐ што можеше да се освои, не планира да се пензионира. Таа следната сезона со 43 години ќе ја игра седмата сезона во норвешкиот шампионат.
Лунде е членка на актуелниот европски првак Вајперс Кристијансад, клуб, кој што во претходните две сезони владее во европскиот ракомет.
Искусната голманка во интервју за норвешката телевизија „Спорт ТВ2“, изјави дека ќе продолжи да брани за норвешката репрезентација, како и за норвешкиот шампион Вајперс Кристијансад.
,,По изминатата одлична сезона, би било чудно да се откажам. Но, ако има некои работи што ме влечат, тоа е семејството. Но засега, добро се чувствувам на тренинзите и уживам додека играм. Што се однесува до семејството, многу лесно ги решаваме обврските. Има нешто во атмосферата на нашата репрезентација. Камила Херем и Хајди Локе се меѓу оние играчи кои создаваат позитивна енергија. Ќе продолжам да играм понатаму”, изјави Лунде.
Голманката на Вајперс Кристијансад освен големиот број на медали, кои што ги има освоено во својата кариера, неколку пати беше прогласувана за најдобар голман на Мундијалите, континенталните собири, Олимписките игри и Лигата на шампионите.