Не помогнаа и 11 гола на Стојанов, Астраион до победа против Борец

Во дуелот на третопласираниот Астраион и четвртопласираниот Борец во Плеј-Аутот од Првата лига, домаќините успеаа да ја однесат победата со резултат 33:31.

Натпреварот започна изедначено и така се играше во целото прво полувреме, Петар Мастев од Астраион го отвори резултатот, а на спротивната страна веднаш изедначи Лазар Стојанов.

Двете екипи го менуваа водството, а во првите 30 минути ниту една од екипите не направи разлика поголема од два гола. Борец таа предност ја имаше на два пати, а домаќинот три пати водеше со „плус 2“. На пауза Астраион замина со предност од 16:15.

И второто полувреме донесе изедначена игра, а домаќините клучната разлика за победа започнаа да ја прават во последните 15 минути од натпреварот. За првпат во 45. минута Астраион дојде до предност од три гола, а набрзо ги достигна и највисоките во мечот „плус 4“ (28:24). После таа предност домаќинот не дозволи Борец да се врати во игра и запиша важна победа.

Најефикасен во редовите на победничкиот тим беше Стојанов Марко со девет гола, додека Петар Мастев и Васко Стојанов постигнаа по седум. На спротивната страна се истакна Лазар Стојанов со 11 гола.