Норвешката ТВ2 објави изненадувачка информација за финансиските проблеми на тамошниот првак Колстад, кој е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во новата сезона од Лигата на шампионите.
Ова лето тимот го засилија норвешките репрезентативци Сандер Сагосен, Магнус Род и Горан Јоханесен, но уште пред да почнат со подготовките добија непријатна вест за драстично намалување на платите.
Според ТВ2, Колстад има финансиски проблеми, поради тоа што дел од спонзорите не го исполнуваат својот дел од договорот. Од играчите веќе е побарано да се согласат следната сезона да играат за помали плати за 30%, додека во втората година од договорите за 20% помалку.
Клубот се обидува да заштеди на сите нивоа и да ги намали трошоците, а колку ќе успее во тоа останува да видиме. Оваа информација доаѓа откако норвешкиот првак доби вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите, а сигурно не се среќни ниту во ЕХФ по ваквите пишувања на ТВ2.
Во клубот покрај споменатата тројка Сагосен, Род и Јоханесен, се уште Бергеруд, Гулеруд, исландските репрезентативци Гудјонсон и Смарасон…Платите за следната сезона требаше да изнесуваат околу 5 милиони евра, а нема само ракометарите да добијат намалување, туку и вработените на сите нивоа во клубот.
Засега раководството на Колстад одбива да ги коментира овие информации на ТВ2, а како и дали неочекуваните проблеми ќе се одразат на резултатите и амбициите останува да видиме. Колстад е првиот гостин во Битола во новата сезона од елитното натпреварување на 12/13 септември.