Веќе традиционално, скопскиот угостителски локал Baking Bread(Бејкинг Бред) за сите вљубеници во добриот бургер организира предизвик. Во одреден временски период, најгладниот или најиздржливиот учесник треба да изеде огромен бургер специјално направен за овој предизвик. Првиот учесник кој успешно го заврши годинешниот предзвикот беше нашиот прославен ракометен судија Ѓорги Начевски.
Познатата скопска сендвичара оваа година повторно организираше натпревар за најиздржливите гурмани и обожаватели на брзата храна. Во предизвикот наречен „Бургер Чудовиште“, сите натпреварувачи кои претходно се најавиле и закажале свој термин имаат 25 минути да го завршат јадењето на бургерот кој е специјално направен за овој предизвик.
Овој бургер содржи пет плескавици, 10 парчиња кашкавал, 10 парчиња сланина, сос и салата. Бургерот тежи еден килограм, а има и 400 грама помфрит кој оди заедно со него.
За оние кои ќе успеат ќе го добијат бургерот гратис, брендирана маичка, симболична парична награда и ќе бидат овековечени со фотографија на „ѕидот на славните“. А оние кои нема да го завршат успешно предизвикот ќе платaт 500 денари.
Онаму каде многумина се обидоа и потфрлија, продолжи еден од најдобрите македонски судии Ѓорги Начевски, кој успешно го заврши предизвикот и беше прв учесник кој дојде до целта и беше на висина на својата задача. Покрај фотографијата која отсега ќе ги краси просториите на сендвичарата, Начевски за спомен ќе го има и видеото како доказ за храброста и издржливоста во предизвикот…
Пред најдобриот македонски ракометен судиски пар претстои големото дерби во македонската лига меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, тие ќе судат на завршницата од Лигата на шампионите, а кон крајот на летото и на Олимписките игри во Токио.