Ракометарките на ЧСМ Букурешт поради неисполнување на зацртаните цели во изминатата сезона, во која не успеаја да ја одбранат домашната титула и не обезбедија пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, биле казнети со намалување на платите, пишува романскиот портал „Про Спорт“.
Според информациите на „Про Спорт“, на ракометарките им било намалено 40% од месечните примања. Поголемиот дел од ракометарките на ЧСМ Букурешт земаат високи плати. Лидерот во романскиот тим, Кристина Неагу според новиот договор месечно заработува 21.000 евра.
ЧСМ Букурешт во минатата сезона имаше амбициии да се вмеша во борбата за трофеј во Лигата на шампионите, но клубот од романската престолнина беше елиминиран во четвртфиналето од Есбјерг.
Екипата последен пат на Ф4 турнирот во елитното европско натпреварување настапи во сезона 2017/18 кога го освои третото место. Ракометарките на ЧСМ Букурешт, исто така не успеаја да ја одбранат титулата во домашниот шампионат и преку вајлд-карта обезбедија место во Лигата на шампионите за следната сезона.