Со само 20 години голманот Марко Кизиќ може да се пофали дека е еден од ретките кој имал привилегија да го дели голот и да учи од најдобрите, почнувајќи од Арпад Штербик, преку Борко Ристовски, па се до Мартон Секељи.
Што се однесува до тренерите, Дејан Периќ го посочува како човек кој најмногу му помогнал.
„Имав таква привилегија, од првата сезона кога Раул ме зема на подготовки во Крањска Гора, па подоцна со двојна лиценца тренирав со Милосављев и Гедбан, потоа Кугис, последната сезона Ристовски и Кантагрел… Од сите нив се обидував да крадам по малку, иако факт е дека ние голманите сме специфични, секој си гради свој стил. Во периодот минат во првиот тим на Вардар многупати се чувствував дека добивам шанса само затоа што друг играч е повреден и тоа не беше баш убаво чувство. Не е дека не бев ценет, но ситуацијата беше поинаква. Во тим со високи дострели и желби беше малку комплицирано за тренерите да се потпрат на 18-19- годишен голман и беше тешко да се пробиеш во таква средина. Најголемата поддршка ја имав од Дејан Периќ, во тие три сезони кога работевме заедно. Тој се бореше за мене. Беше одличен ментор и од него многу научив и напреднав, не само во ракометот, туку и во животот и општо што значи да си спортист, човек. Ми беше тешко кога си замина од Вардар зато што со исклучок на него и сега Ице (Соколески) не сум имал толку блиска соработка со друг тренер. Веќе реков, ние голманите сме посебни и немаме толку комуникација и соработка со главниот тренер колку што имаме со тренерот на голманите и затоа врската со нив е посебна.“
Интервјуто со Марко Кизиќ може да го погледнете во продолжение…