Репрезентативецот на Португалија, Жилберто Дуатре, кој во изминатата сезона требаше да ги засили редовите на Вардар, ќе има нов предизвик во својата интернационална кариера.
Искусниот ракометар откако една сезона мина во Бундес лигата, односно во тимот на Гепинген, одлучи да се врати во Франција.
Според информациите на 24Ракомет, левиот бек во следната сезона ќе го носи дресот на Екс ан Прованс, клуб кој што во натпреварувачката сезона 2021/22 беше меѓу најбогатите француски клубови со буџет од околу шест милиони евра.
Дуатре во својата кариера настапуваше и за екипите на Порто, Висла Плоцк, каталонскиот гигант Барселона, како и за Монпелје.
Екс ан Прованс успеа да обезбеди опстанок во францускиот шампионат, заврши на 11. позиција, а амбициите на клубот за следната сезона ќе бидат излез на европска сцена.