Веспрем освои нови сигурни бодови во трката за првата позиција во група А од Лигата на шампионите, откако пред своите фанови го совлада составот на Висла Плоцк со 32-22 (17-9). Српскиот репрезентативец Петар Ненадиќ беше посебно мотивиран и инспириран на овој дуел, и беше нерешлива загадка за полската одбрана,особено во воведниот дел. Тој ја носеше сигурноста во нападот на Веспрем, а на спротивната страна немаше вистински одговор од индиспонираната бековска линија, затоа резултатската разлика постојано се зголемуваше во корист на домашниот тим за конечна и висока победа.
Бројни промашени зицери и изградени позиции од бековската линија ја опишуваа почетната фаза од овој дуел за ракометарите на Висла Плоцк. На спротивната страна Петар Ненадиќ беше моторот на Веспрем, погодуваше и асистираше, а одбраната на Плоцк не можеше да му влезе во ритамот. Неговиот наследник во унгарскиот вицепрвак, русинот Косоротов требаше да ја предводи екипата од Плоцк на овој дуел, но имаше многу лош период во воведот на натпреварот кога се кршеше резултатот, затоа неговите 7 погодоци останаа во сенка на овој дуел. Гостите од Полска парираа само во почетните пет минути, разликата постојано се зголемуваше, а на полувреме беше 17-9 за домашниот тим.
Веднаш по паузата Веспрем ја премина двоцифрената разлика, а водството продолжи да се зголемува до највисоки „плус единаесет“ кои прв пат ги постави Елдера во 35.минута. Кога веќе беа познати сите работи на теренот, а Веспрем се вклучи во рутински режим за мирна завршница, Плоцк успеа да ја намали високата предност на противникот, но се доближи само до „минус шест“. На крај Веспрем се радуваше на висока победа од 32-22.
Најпрецизен на дуелот беше Петар Ненадиќ кој го предводеше Веспрем до седмата победа во Лигата на шампионите со 9 голови, го следеа Нилсон со 5 и Елдера со 4 погодоци. Кај Плоцк Косоротов постигна 7 голови.