Репрезентативците кои се најдоа на списокот на Данило Брестовац за подготовките во јануари веќе во вториот ден од новата година ќе мора да се појават на собир. Ракометарите веднаш на 2 јануари заминуваат за Словенија каде што ќе имаат тридневни активности.
Според планот веќе на 3 јануари ќе биде одигран натпревар против репрезентацијата на Словенија. Ден потоа ќе може да се тренира, а веќе на 5 јануари следува нов контролен меч против составот на Црна Гора.
Ова ќе бидат последните контроли пред заминувањето за Австрија. Се патува на 9 јануари, а ден потоа се игра првиот дуел. Македонија ќе го отвори Европското првенство против селекцијата на Украина на 10 јануари, а почетокот на средбата е закажан за 20:30 часот.
Втората средба ќе биде против селекцијата на Чешка од 16 часот на 12 јануари, додека на 14 јануари е предвиден последниот дуел. Тој се игра против составот на домаќинот Австрија од 18:15 часот.