Нема многу време за славење – пелистерци веќе се во Нашице

По една (не)проспиена ноќ, ракометарите на Еурофарм Пелистер веќе се во хрватското гратче Нашице, каде ги очекува нов голем предизвик.

Битолчани ќе се соочат со Нексе во првиот осминафинален натпревар од Лигата на Европа, во поход кон најголемиот успех на меѓународна сцена во поновата историја на клубот.

Исто како и Еурофарм Пелистер против Вардар, така и Нексе, вчера беше подобар од актуелниот хрватскиот првак Загреб со 30-29.

Во ростерот на битолскиот тим сигурно нема да биде десниот бек Мартин Велковски, па Бабиќ ќе мора да комбинира со Радовиќ и Мараш, или евентуално со деснорак бек на таа позиција, додека се уште не е дефинитивно дали капитенот Јосип Периќ ќе може да настапи.

Натпреварот меѓу Нексе и Еурофарм Пелистер се игра во вторник со почеток во 18:45 часот.